Ништо за нас без нас – Промовирани препораките за унапредена пристапност на онлајн конференција ID:CITIZEN

На 27 мај, преку платформата ZOOM, во рамки на меѓународниот проект „ ID:CITIZEN“, успешно беше реализирана онлајн конференцијата „Како да креираме општество без бариери?“, посветена на унапредување на пристапноста, универзалниот дизајн и системските решенија за еднакво учество на лицата со попреченост во јавниот простор и заедницата во Македонија, Полска, Унгарија и Словачка.

Како кулминирачки настан во рамки на проектот, а со учество на релевантни претставници од четирите земји, конференцијата предводена од Здружението „Рака под рака“ од Унгарија, предводена од Пордан Акош, беше простор за промоција на постигнатите резултати од студиските посети реализирани во Полска и Словачка, споделување на лични искуства од трите земји, како и за афирмирање на практики кои можат да се прилагодат и применат во различни национални и локални контексти. Како клучен заклучок беше утврден фактот дека ниту една земја не нуди целисходен и сеопфатен модел, но секоја обезбедува вредни искуства за градење поефикасни системи за пристапност во регионот на Централна Европа.

Главен фокус беше ставен на публикацијата „Препораки за политики за подобрена инклузивност“, практична алатка за национални и локални власти, институции, урбанисти, културни и образовни актери, граѓански организации и сите чинители кои учествуваат во креирањето пристапни заедници, која беше презентирана од страна на Гере Трипков, претседателот на Здружението „Икуалити“ – иницијатор на проектот и Јарослав Богуцки, експертот за унапредување на пристапноста од „Фондација Интеграција“ од Полска.

Документот содржи насоки за воспоставување системска пристапност, подобрување на движењето низ градовите, унапредување на јавните простори и примена на инклузивни практики во четирите земји вклучени во проектот: Македонија, Полска, Унгарија и Словачка.

Публикацијата се заснова на меѓународна соработка, наоди од студиските посети, консултации со засегнати страни и преглед на релевантни европски и меѓународни практики. Подготвена на македонски, англиски, полски, унгарски и словачки јазик, публикацијата е достапна на официјалниот сајт на проектот: https://citizen.equality.agency/

„Пристапноста често останува фрагментирана, недоследно спроведена или зависна од поединечна институционална посветеност. Потребни се посилна координација, мониторинг, финансирање и одговорност, за таа да стане мерлива реалност во секојдневниот живот, а не само декларативна заложба“, порача Гере Трипков од Здружение Икуалити.

Конференцијата уште еднаш ја потврди потребата пристапноста да стане мерлив стандард за демократско управување, одржлив развој и еднакво учество во јавниот живот. Публикацијата „Препораки за политики за подобрена инклузивност“ дава концизни насоки и препораки за релевантни локални и централни власти, чинители од урбаното планирање, архитекти, експерти дека е исклучително важно креирањето на унапредена пристапност да се одвива низ консеквентен и непрекинат процес, каде наместо реактивни и фрагментирани решенија, ќе се создава и одржува системски пристап кој ќе ја вгради пристапноста во секоја фаза на планирање, финансирање, имплементација и мониторинг. 

Проектот „ID: CITIZEN“, поддржан од Меѓународниот Вишеградски Фонд, продолжува да гради партнерства и да поттикнува системски промени за поинклузивно и подостапно општество за сите.

Scroll to Top