Од 10 до 14 септември, претставници на Здружението Икуалити и партнерските организации од Полска, Словачка и Унгарија ќе реализираат петдневна студиска посета во Братислава, Словачка, во рамки на меѓународниот проект ID: CITIZEN.
Посетата е дел од активностите насочени кон размена на искуства, идентификување добри практики и унапредување на пристапноста во јавниот простор, урбаното планирање, образованието и локалните политики. Таа се реализира во партнерство со Фондација Интеграција од Полска, Здружението Тененет од Словачка и Организацијата Рака под Рака од Унгарија, со поддршка од Меѓународниот Вишеградски фонд.
Во рамки на програмата, предвидени се средби со релевантни претставници од областа на урбаното планирање и архитектурата, при што ќе бидат презентирани практики поврзани со креирање и примена на стандарди за пристапност во јавни објекти и јавни простори. Дел од програмата ќе биде посветен и на примери за универзален дизајн во високото образование, како и на инклузивни локални решенија што овозможуваат поголема самостојност, учество и квалитет на живот за лицата со попреченост.
Учесниците ќе посетат и инклузивни јавни простори и образовни установи во Братислава, со цел директно да се согледаат решенија кои ги земаат предвид различните потреби на децата, младите и возрасните лица со попреченост. Посебен акцент ќе биде ставен на соработката меѓу локалните самоуправи, институциите, експертите и граѓанските организации во процесите на планирање и создавање градови достапни за сите.
„Студиските посети се важна можност за директно учење од средини каде пристапноста се разгледува како составен дел од урбаното планирање и јавните политики. Очекуваме ова искуство да ни донесе конкретни идеи и применливи модели кои ќе помогнат во создавање поинклузивни решенија и во нашите заедници“, изјави Гере Трипков, претседател на Здружението Икуалити.
Студиската посета во Братислава претставува продолжение на активностите на проектот ID: CITIZEN и важен чекор кон подготовка на заедничка публикација со препораки за политики за подобрување на пристапноста и инклузивноста во Македонија, Полска, Словачка и Унгарија.

